Рак на бели дробови
Ризик фактори: Пушачите имаат најголем ризик, но заболуваат и непушачи изложени на чад од пушачи како и луѓе кои никогаш не биле изложени на чад од цигари. Мнозинството случаи на рак на бели дробови се предизвикани од чад од цигари и ризикот е пропорционален со времето поминато во вдишување чад како и густината на чадот. Со оставање на цигарите значително се намалува ризикот од рак на бели дробови, дури и кај долгогодишни пушачи. Други ризик фактори се изложеност на азбест, радон, прашина итн.
Ракот на бели дробови има наследна компонента т.е. рак на бели дробови кај родител, дете, брат или сестра повлекува зголемен ризик.
Симптоми: типично ракот на бели дробови не предизвикува симптоми во раните стадиуми. Во подоцните стадиуми можат да се јават симптоми како: кашлање кое не поминува, искашлување мали количини крв, отежнато дишење со глад за воздух, болка во гради, шиштење при дишење, зарипнатост, губење на телесна тежина без особени диети, болки во коски, главоболки итн.
Два главни типа рак на бели дробови се
- Ситноклеточен рак - се јавува речиси исклучиво кај тешки пушачи и е поредок од останатите ракови на бели дробови. Ситноклеточниот рак е еден од најмалигните, се случува брзо и прикриено, рано метастазира и има лоша прогноза.
- Неситноклеточни ракови - ова е група во која спаѓаат повеќе типови рак на бели дробови кои се однесуваат слично, како сквамозен (плоскоклеточен, епидермоиден) рак, аденокарцинома и крупноклеточен рак.
Рак на бели дробови често метастазира т.е. се шири на други делови од телото, како на пример на мозокот или на коските. Штом се прошири, обично е неизлечив. Предизвикува болки, гадење, повраќање, главоболки итн.
Тестирање и дијагностика
- Рентгенска снимка на белите дробови може да открие невообичаена маса или грутка.
- Компјутеризирана томографија може да открие дополнителни чудности во белите дробови кои не се видливи на обична рентгенска снимка.
- Искашлана материја набљудувана под микроскоп некогаш може да содржи ракови клетки.
- Биопсија: материјал земен од бели дробови кој потоа се праќа на анализа во лабораторија за патохистологија и цитологија. Биопсија на бели дробови може да се врши на повеќе начини. Материјал може да се зема и од лимфни јазли или други органи каде ракот е проширен.
Стадиум на рак на бели дробови
- Стадиум 1: ракот е во белите дробови и не се проширил на лимфни јазли. Грутка до 5 центиметри.
- Стадиум 2: рак поголем од 5 центиметри или рак кој опфатил делови од структури околу белите дробови (дијафрагма, плеура), или рак кој се проширил на лимфни јазли.
- Стадиум 3: ракот е веќе значително пораснат и опфатил органи околу белите дробови или рак кој зафатил подалечни групи лимфни јазли.
- Стадиум 4: ракот се проширил од едното во другото белодробно крило или на подалечни делови од телото.
Терапија - Хируршко отстранување на ракот. Може да биде проследено со вадење на лимфни јазли од градите за проверка дали се зафатени од ракот.
- Хемотерапија - лекови кои ги убиваат раковите клетки кои евентуално преостанале после операцијата. Може да се дава орално, интравенски или комбинирано. Обично терапијата се состои од сесии со паузи во траење од недели или месеци за да се олесни поднесувањето на терапијата. Хемотерапија може да се дава и пред операција за да се намали ракот со цел полесно да се отстрани.
- Зрачење кое ги убива клетките на ракот. Се користи постоперативно за да се убијат преостанатите ракови клетки, или за ракови кои не се операбилни.
Алтернативна медицина: најчесто не помага за сузбивање на ракот или има занемарливи ефекти, но може да помогне за подобрување на општото самочувство кај пациентот. Често се применува акупунктура, хипноза, масажа, медитација, јога и сл.
Превенција: непушење, откажување од пушење, избегнување на чад од цигари, здрава исхрана базирана на овошје и зеленчук и дневна физичка активност.
ОПШТИ ИНФОРМАЦИИ
Што е тоа биопсија? Што е тоа рак? Отечен лимфен јазел и малигност Рак на дојка Рак на бели дробови Рак на простата Малиген меланом Шест совети за намалување на шансите за рак ПЗУ „БИОПСИЈА“
Приватен дијагностички центар
Лабораторија за патохистологија и цитологија
Локација: Скопје - Центар, Македонија (МК)
Во близина на Државна Болница ДЕТАЛИ
Работно време: Пон-Пет: 9-16 ч. Саб: 10-14 ч.
